Цели паралелки во изолација во Велес, Прилеп и во Штип поради коронавирус

Илустрација: Деца на училиште

Поради два ученика позитивни на Ковид-19 во велешката гимназија „Кочо Рацин“ во изолација се ставени учениците од две паралелки. Од изолација се изоставени учениците кои биле вакцинирани, информира денеска градоначалникот Аце Коцевски.

Позитивен ученик има и во средното училиште Коле Неделковски, и една директорка на средно велешко училиште. Во едно општинско училиште во велешките села инфицирани се директорот и педагогот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Анти-ковид вакцина за помлади од 18?

Во ОУ „Кирил и Методиј“ во Велес во изолација се две деца, од ОУ „Васил Главинов“ позитивен е еден наставник и три ученика, а четири се во изолација. Во ОУ „Блаже Конески“ еден наставник е во изолација, три ученика се позитивни и четири се во изолација. Позитивен на коронавирусот е и психолог во едно основно училиште во велешко село.

Во детските градинки „Димче Мирчев“ позитивно е едно лице од техничкиот персонал.

Едно одделение со 21 ученик во прилепско основно училиште од денеска исто така е во изолација, поради ученик во деветолетката кој бил позитивен на тестот за коронавирусот. Во изолација се и пет предметни наставници кои имале контакт со него.

Според Каролина Николоска, советник за образование во прилепската локална самоуправа одделението ќе следи онлајн настава, а наставниците кои се во изолација ќе предаваат онлајн.

Од Центарот за јавно здравје - Штип информираа дека до денеска имаат регистрирано по еден заразен ученик во основните училишта „Тошо Арсов“ - Штип и „Страшо Пинџур“ во Карбинци. Одделенијата во кои учеле учениците се ставени во изолација. Еден позитивен случај има во средното електро-машинско училиште „Коле Нехтенин“, таму 18 ученици од паралелката во кој учел средношколецот се во изолација. Во најголемото основно училиште „Ванчо Прќе“ - Штип има двајца суспектни наставници. Надлежните од Центарот за јавно здравје - Штип велат дека имаат и еден заразен ученик и еден суспектен и во средното училиште за специјално образование и воспитание „Искра“ - Штип.
Оваа учебна година почна со настава со физичко присуство за сите ученици во Македонија. Според планот на надлежните, ќе се премине на оналјн настава ако се заразат 10 отсто од учениците.

Минатата година, поради пандемијата на коронавирус, наставата се одвиваше онлајн, освен за учениците од прво до трето одделение.