По усвојувањето на контроверзниот закон со кој се забранува промовирање хомосексуалност кај малолетницина во Унгарија, бројот на поплаки од граѓани до националниот регулатор за медиуми е зголемен за речиси седум пати.
Националното регулаторно тело за медиуми и инфокомуникации (НМХХ) од јуни досега добило 69 пријави за наводни прекршувања на медиумските регулативи за заштита на малолетници, објави Унгарски глас.
Тоа е речиси за седум пати повеќе во споредба со само 10 случаи поврзани со заштита на малолетници во истиот период во 2020 година, со што започнаа шпекулации дека новиот закон придонесе за драстично зголемување на пријавите, пренесува бриселскиот портал Еурактив.
Законот, кој во Парламентот е усвоен кон средината на јуни, забранува содржини наменети за малолетници кои „промовираат или прикажуваат“ хомосексуалност или промена на полот.
Советот за медиуми на НМХХ, кој е составен само од кандидати на владејачката партија, ќе биде одговорен за спроведување на новите одредби од законот.
Советот овој месец се очекува да ги објави насоките за прецизна примена на овие одредби.
Европската комисија остро го критикуваше законот како дискриминаторски и поведе правна постапка против Унгарија.