Попишани над 94 илјади граѓани во првиот ден од пописот

Почна теренскиот попис на домаќинствата.

На првиот ден од спроведувањето на пописот попишани се над 94 илјади лица, односно над 28 илјади домаќинства и 37 илјади станови, според податоците на Државниот завод за статистика. Можноста за самопопишување на лица во странство ја искористиле 191.550 лица.

Пописот на населениото, домаќинствата и становите во Македонија официјално започна на 5 септември и ќе трае до 30 септември.

Последниот попис во земјава се одржа во 2002 година. Потоа во 2011 година започна да се спроведува операцијата, но беше прекината.

Пописот оваа година требаше да почне во април, но опозицијата се противеше на спроведувањето главно поради тогашната епидемиолошка состојба во земјата.

Лидерите на политичките партии тогаш се договорија пописот да биде одложен за септември.

Пописот во земјава ќе се спроведува во 50 пописни реони и со 5.000 попишувачи кои ќе го попишуваат населението, домаќинствата и објектите.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски изјави дека денеска имало проблем со интернет конекцијата, но дека не бил проблемот со апликацијата за пописот, туку со целата интернет мрежа во државата наведувајќи дека очекуваат набрзо да се реши ситуацијата.

„Мислам дека овој процес ќе биде успешно завршен и сите ќе се радуваме на крајот на септември, дека сме го завршиле овој процес после цели 20 години. Има многу малку инцидентни случаи, кои што се занемаралив број“, изјави Симовски.