Во Косово сместени 683 Авганистанци

Авганистански државјани на аеродромот во Приштина.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељал Свечља денеска за Радио Слободна Европа изјави дека вкупно 683 авганистански државјани досега добиле привремено сместување во Косово.

Освен во кампот Бехтел-Енка во Феризај, што се наоѓа на околу 30 километри од Приштина, 91 цивил од Авганистан се сместени и во американската воена база на Косово - Бондстил. Оваа база се наоѓа и на територијата на општина Феризај.

Министерот Свечља исто така рече дека приемот на авганистанските цивили ќе продолжи и оваа недела, врз основа на планот за нивен прием.

Косовските власти претходно најавија дека ќе прифатат околу 2.000 авганистански државјани кои соработувале со САД и другите земји членки на НАТО.

Првата група Авганистанци пристигна во Косово на 29 август 2021 година.

Според сегашниот закон, тие можат да останат на Косово до една година.

Се очекува авганистанските цивили да останат привремено на Косово додека не се подготви нивната документација за патување во Соединетите држави или други земји членки на НАТО.