Шестмина палестински милитанти денеска избегаа од израелски затвор со високо ниво на заштита, што премиерот Нафтали Бенет го нарече сериозен инцидент, пренесува Ројтерс.
Израелската полиција и војската започнаа потрага по бегството кое се случи од затворот Гилбоа во северен Израел.
Петмина од бегалците припаѓаат на движењето Исламски џихад, а меѓу нив е и поранешниот командант на вооружена група која е поврзана со водечката партија Фатах, соопшти затворската служба.
Арик Јаков - командант на затворската служба, изјави дека бегалците најверојатно отвориле дупка во подот на тоалетот на нивната ќелија, со цел да пристапат до премините направени за време на изградбата на затворот.
Објектот оддалечен на околу 4 километри од границата со окупираниот Западен Брег, е еден од најстрогите затвори во Израел и во него се сместени Палестинци осудени или осомничени за антиизраелски активности, вклучително и за смртоносни напади.
Четворица од мажите издржувале доживотна казна затвор, соопшти палестинска организација која собира поранешни затвореници.
Неколку палестински фракции го поздравија бегството од затвор.
„Оваа голема победа уште еднаш докажува дека волјата и одлучноста на нашите храбри војници не можат да бидат победени во непријателските затвори“, изјави Фавзи Бархум - портпарол на исламистичката милитантна група Хамас.
Канцеларијата на израелскиот премиер соопшти дека разговарал со министерот за внатрешна безбедност и нагласи дека ова е „тежок инцидент кој бара сеопфатен напор од безбедносните сили“ за да се најдат бегалците.