Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека 19 авиони, вклучително ловци и бомбардери оспособени за напад со нуклеарно оружје, влегле во нивната таканаречена зона за идентификација ПВО (АДИЗ).
Тајпеј повеќе од една година се жали дека кинеските воздухопловни сили одржуваат чести мисии во близина на островот, пренесува Би-Би-Си.
Кина го смета Тајван за отцепена провинција, но Тајван се гледа себеси како суверена држава.
Тајванското Министерство за одбрана соопшти дека во мисијата на кинеските сили учествувале четири бомбардери Х-6 што можат да носат нуклеарно оружје, како и авион за борби против подморници.
Идентификациската зона ПВО е област надвор од територијата на земјата и националниот воздушен простор, но таму странските авиони и натаму се идентификуваат, следат и контролираат во интерес на националната безбедност.
Тоа е самопрогласен воздушен простор и технички останува во рамките на меѓународенот карактер.
Министерството за одбрана објави мапа што ја покажува патеката на летот североисточно од Пратас, кој што се случил поблиску до кинескиот брег отколку до тајванскиот.
Распоредени се ракетни системи, а испратени се и борбени авиони за предупредување на кинеските авиони, се вели во соопштението на Министерството.
Кина засега официјално не се огласи.
Пекинг често започнува вакви мисии за да изрази незадоволство од ставовите на Тајван.
Кина во јуни оваа година испрати 28 воени авиони во зоната - што е најголемиот упад кој досега го пријавил Тајван.
Во слична мисија на 24 јануари учествуаа 15 авиони, а 25 авиони на 12 април.
Не е јасно која е причината за последната кинеска мисија, меѓутоа минатата недела тајванското Министерство за одбрана предупреди дека кинеските вооружени сили можат да ја „парализираат“ одбраната на Тајван и дека заканата од Кина расте.