Талибанците тврдат дека ја заземале последната област под силите на отпорот

Авганистанското движење за отпор и силите на бунтот против талибанците учествуваат во воена обука во провинцијата Паншир. 2 септември 2021 година.

Талибанците тврдат дека презеле целосна контрола врз провинцијата Паншир - последна област во Авганистан што ја држеа силите на отпорот, кои ги отфрлија ваквите тврдења.

Досега не беше можно веднаш да се добие независна потврда за настаните во Паншир, каде исламистичката милитантна група ги прекина телефонските линии, интернетот и електрични водови.

Талибанците пред три недели презедоа контрола врз поголемиот дел од Авганистан. Тие на 15 август ја преземаа власта во Кабул, по колапсот на владата поддржана од Западот.

Со оглед на секојдневните очекувања Талибанците да објават нова влада, тешки борби се случуваа во долината Паншир којашто се наоѓа на околу 100 километри североисточно од главниот град, во услови кога Националниот фронт за отпорот на Авганистан (НРФА) се спротивстави на владеењето на Талибанците.

Но, портпаролот на Талибанците, Забихула Муџахид, на 6 септемви објави соопштение тврдејќи дека Паншир сега е под контрола на талибанските борци.

„Со оваа победа нашата земја е целосно извадена од мочуриштето на војната“, рече Муџахид.

Портпаролот на НРФА, Маисам Назари, ги отфрли тврдењата. Тој за Радио Слободна Европа изјави дека борбите во Паншир продолжуваат.

Во објава на Твитер профилот на групата, исто така се вели дека силите на НРФА „се присутни на сите стратешки позиции низ долината за да ја продолжат борбата“.

Паншир е планинска долина каде живеат околу 200.000 луѓе.