Загриженост во ЕУ поради случувањата во Црна Гора

Демонстрант стои пред барикада од запалени гуми за време на протестот против устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетиње, Црна Гора. 5 септември 2021 година.

Официјалните претставници на Европската унија ги оценија како „загрижувачки“ настаните во Црна Гора, кои беа предизвикани од церемонијата за устоличувањето на црногорско-приморскиот митрополит на СПЦ Јоаникиј.

„Секоја употреба на сила мора да биде измерена и пропорционална во секое време. Повикуваме на воздржаност и очекуваме сите надлежни органи соодветно да истражат и да обезбедат ефикасно судско следење на сите случаи на насилство, како против демонстрантите, така и против полицијата“, изјави портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро.

Таа посочи дека слободата на собир е основно право во ЕУ, но наведе дека тоа треба да се примени без да се нанесе штета врз јавното здравје и со целосно почитување на владеењето на правото, јавниот ред и безбедноста на сите граѓани на Црна Гора.

Во неделата на 5 септември Јоаникиј беше устоличен во Цетиње. Церемонијата се одржа со бројни инциденти, десетици повредени и со ангажман на бројни полициски сили.

Објавувањето на устоличувањето предизвика етнички тензии меѓу граѓаните на српскиот и црногорскиот национален корпус во Црна Гора, пред се поради местото на одржувањето.

Цетиње е културно-историски центар на Црна Гора и симбол на духовниот, државниот и националниот идентитет на Црногорците.

Во исто време, тоа е седиште на митрополијата на СПЦ во Црна Гора и место каде што се востоличени мнозинството митрополити.

Амбасадите на Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство, Соединетите Американски Држави и Делегацијата на Европската унија во Подгорица ги осудија сите форми на насилство и рекоа дека поединците ќе треба да одговараат за своите постапки.