Папата ги повика земјите да примат Авганистанци

Папата Франциск

Папата Франциск ги повика земјите да примат бегалци од Авганистан, откако таму талибанците ја презедоа власта на 15 август. По падот на меѓународно признатата влада во Кабул многу Авганистанци, особено оние што соработувале со САД и западните земји институции решија да ја напуштат земјата.

Папата исто така рече дека се надева дека „младите Авганистанци ќе добијат образование, што е од суштинско значење за човечкиот развој“. Талибанците изјавија дека девојчињата ќе продолжат да одат на училиште, но нема да се мешаат со момчињата.

„Во овие моменти на пресврт, во кои Авганистанците бараат засолниште, се молам за најранливите меѓу нив“, рече денеска папата пред стотици луѓе на плоштадот Свети Петар собрани за неговиот неделен благослов.

САД и другите земји -членки на НАТО евакуираа десетици илјади Авганистанци за кои постоеше ризик дека талибанците ќе им се одмаздуваат.

Но, десетици илјади други загрозени Авганистанци останаа во земјата, откако заврши повлекувањето на странските сили на 30 август. Многу Авганистанци спас побараа во соседните земји Пакистан и Иран.

Меѓународната организација за миграција (ИОМ) проценува дека годинава може да се очекува и до милион и пол Авганистанци да бегаат кон Запад во потрага по безбедност и работа.