По задолжителната вакцинација против ковид-19 за лекарите, наставниците и студентите, албанското Министерство за здравство најави дека истото ќе важи и за вработените во администрацијата, полицијата, вработените во аптеките и лабораториите.
Таквата одлука е донесена по напливот на новозаболени, главно со Делта сојот, изјави Еугена Томини, заменик министерка за здравство.
Додаде дека очекуваат во текот на овој месец, кој е отворен месец за вакцинација, оваа категорија граѓани да се имунизираат и до 30 септември да го достават сертификатот во нивниот колектив, а за студентите во канцелариите определени од високото образование копија од картичката за вакцинација издадена од е-Албанија.
Томини упат апел до граѓаните за што помасовен одзив за имунизација.
Епидемиолошката состојба во земјата не стивнува, поради што од вчера во функција е ставена и болницата Ковид 3, а се поготвуваат да почнат со прием на пациенти и регионалните болници.
Според вчерашните податоци од ресорното министерство, има 984 нов случаи на заразени, или 100 повеќе од претходниот ден, а како последица од заразата починале четири лица. Активни на болеста се 11.628, хоспитализирани се 106, од нив 19 во многу тешка состојба.