Ахмети им постави пет цели на кандидати за градоначалници

Али Ахмети

Кандидатите за градоначалници на ДУИ имаат пет програмски цели, рече лидерот на партијата Али Ахмети. Изборната кампања треба да покаже како кандидатите ќе ја развијат уште повеќе нивната општина, но и повеќе од тоа, како ќе ги вклучат граѓаните повеќе и како ќе го слушнат секојдневно нивниот глас, вели Ахмети. Тој вели дека ДУИ се потрудиле да бидат партија која стои зад дадениот збор и оствареното дело.

Прво кандидатите на ДУИ треба да се држат до зелената агенда, а тоа подразбира чисти општини, без отпадоци по улиците и населбите, чиста вода за пиење, чист воздух, зеленило. Истовремено подразбира и модерна патна инфраструктура, чиста и евтина енергија за сите граѓани создавајќи одржливи работни места за поттик на нашата економија, вели Ахмети.

Тетово е една од општините каде на чело е кадар од ДУИ. Општината со години се бори со загадениот воздух, недостигот на вода, дивите депонии и проблемот со смет, а имаа проблеми и со патната инфраструктура и сообраќајниот метеж. ДУИ и на овие избори ја кандидираше Теута Арифи за уште еден мандат, а доколку го освои тој ќе и биде трети. Струга, пак, која исто така на чело има градоначалник од ДУИ е посочувана дека не се бори со дивоградбите на крајбрежјето на Охридско Езеро, а проблеми има и со палењето на трската во езерото. И на овие избори кандидат повторо е актуелниот градоначалник Рамиз Мерко.

Втората цел на ДУИ е дигиталната агенда. Тука градоначалниците на ДУИ треба да се застапуваат за дигитални услуги на администрацијата, дигитализација на училиштата, брз и квалитетен интернет во сите населени места, но и соодветна инфраструктура за тоа.

Третата е агендата на отворена врата, односно градоначалниците да се во служба на граѓаните и да не смее фа им се затвори врата. Четвртата цел е вклучување на граѓаните во носењето важни одлуки, а петата цел е одржување на довербата која ја добиле од граѓаните, по секоја цена.

„Затоа, новитет на овие избори е политиката НУЛА, што подразбира нула отпад, нула злоупотреба, нула лошо менаџирање, нула корупција, нула кучиња скитници, нула недостаток на паркинг, нула градби без дозволи, нула негрижа за граѓаните. Овие пет завети не се само едно изборно ветување на нашите кандидати за градоначалници, но се нов задолжителен код на нашето однесување“, вели Ахмети.

ДУИ вчера објави 17 имиња на кандидати за градоначалник, најголем дел од нив е актуелни градоначалници. ДУИ на изборите во 2017 освои 10 градоначалнички места.