Денеска на Цетиње бевме сведоци на големиот срам на Српската православна црква и на Владата на Црна Гора, срамота без преседан во долгата историја на црногорската држава, и подеднакво во историјата на целокупното православие, рече црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во обраќањето до јавноста.
„Со брутална злоупотреба на државните ресурси, првенствено армијата и полицијата и целосно несоодветна употреба на сила против мирно собраните граѓани, црногорската влада обезбеди насилно устоличување на митрополитот Јоаникиј, против волјата на огромното мнозинство граѓани на Цетиње и значителен број граѓани на Црна Гора. Само човек без достоинство би дозволил да биде внесен во манастирот Цетиње на таков начин со десантно слетување хеликоптер и под заштита на панцири на тој начин да го посрамоти тронот на Св. Петар Цетински“, рече црногорскиот претседател.
Во тензична атмосфера, откако претходно полицијата ги растера демонстрантите во манастирот во Цетиње денеска беше устоличен митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека очекувале немири во Црна Гора, но дека митрополитот и патријархот на СПЦ инсистирале да се одржи устоличувањето.
На церемонијата и претходеа барикади, судири со полицијата и обиди да се спречи устоличувањето. Порфириј и Јоаникиј со хеликоптер беа донесени и однесени од манастирот.
На устоличувањето на новиот митрополит на СПЦ во Црна Гора Јоаникиј во Цетињскиот манастир се спротивставија црногорските национални организации, локалната власти и најголем дел од опозициските партии, меѓу која и партијата на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.