Бени Шаќири кандидат за градоначалник на Скопје, Никола Пановски носител на советничка листа на ЛДП-ДОМ

Пејачот Арбен Шаќири - Бени, кандидат за градоначалник на Скопје од коалицијата ЛДП - ДОМ, претседателката на ДОМ Маја Морачанин, носителот на советничката листа доктор Никола Пановски и лидерот на ЛДП Горан Милевски

Пејачот Бени Шаќири е кандидат за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Одлучно за промени“ на ДОМ и ЛДП. Носител на советничката листа, пак, ќе биде познатиот микробиолог, д-р Никола Пановски.

Шаќири на промоцијата рече дека се чувствува изневерен од тоа како се води градот во последните четири години и оти тоа му било мотив да се вклучи во трката за градоначалник.

Актуелниот градоначалник Петре Шилегов од СДСМ на локалните избори на 17 октомври ќе побара нов мандат од граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа независната кандидатка Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори, Левица го поддржа независниот кандидат Петар Георгиевски – Камиказа, актер и поранешен басист на рок-групата Меморија, а партијата Твоја го кандидира адвокатот Александар Тортевски. Поранешната директорка на на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска исто така ги собра потребните потписи за да се кандидира за градоначалник на Скопје од иницијативата „Зелен хуман град“.