Министерот за земјоделство гарантира дека ќе се откупи целото грозје

Министерот за земјоделство Арјанит Хоџа на средба со лозари од Неготино кои излегоа на протест незадоволни од откупот на грозјето.

Гарантирам дека ќе се откупи целото произведено грозје, Министерството за земјоделство е секогаш отворено за сите проблеми на лозарите, им рече денеска министерот Арјанит Хоџа, на производители на грозје кои излегоа на протест во Неготино.

„Жал ми е што протестирате бидејќи вратите на Министерството за земјоделство се отворени да дојдете да разговараме. Но, еве сме тука, го имате целото наше внимание. Слободно кажете кои се проблемите. Ние како и секогаш, стоиме на располагање за решавање на сите проблеми на земјоделците, па и на лозарите“, рече министерот, одговарајќи им на присутните лозари на нивните прашања.

Тој рече дека дошле да ги слушнат барањата на лозарите кои протестираа.

„Се договоривме протестот да прекине, до среда ќе им се одговори на нивните барања. Им кажав дека поголем дел од поголемите винарски визби одредиле цени за грозје од оваа реколта. Им го кажав ставот на Министерството и на Владата дека остануваат дополнителните два денара за килограм, се работи на тоа, тоа да важи за сите сорти и за висококвалитетни сорти на грозје. Сигурно ќе имаме подобра гроздоберска година од ланската и од претходните“, рече Хоџа.

Зошто не е почнат откупот на најзастапената винска сорта ,,вранец” иако грозјето ја има потребната шеќерност и зошто се доцни со објавата на цените за килограм грозје, се интересираа меѓу другото лозарите присутни на протестот. Тие рекоа дека се одлучиле на протест поради ниските откупни цени на грозјето и игнорантскиот однос на винарии кои со овие цени ги демотивираат лозарите.

Со години наназад „смедеревката“ се откупува до 11 денари по колограм, а винската сорта „вранец“до 13 денари по килограм. Лозарите бараат да им се исплаќа по 16 и 17 денари.