Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска најави формирање работна група која ќе добие задолжение да оствари и меѓуресорска соработка со правосудните служби и службите за безбедност, со цел да се подготви план за вонреден ветинг на дипломатијата.
До ова доаѓа по апсењето во Србија на македонски дипломат вработен во Мисијата во ОБСЕ во Виена. Тој бил уапсен на 27 август. МНР соопшти дека добиле известување од српските власти дека дипломатот е уапсен поради распишана меѓународна потерница за него од трета земја за дело кое го сторил при негово приватно патување во странство. Дипломатот сега е во екстрадициски притвор во Србија.
МНР не даде детали која земја распишала потерница по дипломатот.
Османи вели дека е крајно загрижен и вознемирен поради случајот и оти работниот однос на приведениот му е ставен во мирување и е повлечен од неговите задолженија во Мисијата во ОБСЕ во Виена.
„Тоа не само што предизвикува непредвидливост во работата на дипломатијата, туку ја разнишува довербата и авторитетот на куќата. Не само како обврска кон нашите државни интереси, туку како земја - членка на НАТО, како идни претседавачи со ОБСЕ во 2023 година, ние имаме обврска да воспоставиме непропустлив систем на сертификација и проверка на дипломатскиот кадар со цел да ја вратиме довербата и во институцијата и во државата“, стои во денешната писмена реакција на Османи.
Весникот Коха на албански јазик претходно објави дека потерницата е распишана од страна на Австрија, а дека уапсениот дипломат е осомничен дека, заедно со уште двајца други дипломати, пред три години организирал патување во главниот град на Ерменија, Ереван, со цел да биде извршена евакуација на ерменскиот олигарх, кој во својата држава биле осомничен за злоупотреба на милиони евра.
Османи најавува формирање работна група која ќе треба да „изврши првична итна ревизија на состојбите со сертификатите и документацијата со цел да се утврди дали постои одредена иманентна закана за сигурноста и доверливоста на куќата, особено закана која е поврзана со предметниот случај“, како и да подготви план за вонреден ветинг на дипломатите.
Тој исто така најави дека ќе побара од сите раководни позиции, директори и раководители на сензитивни позиции, задолжително да ја поминат процедурата на најстрог ветинг, преку системот на НАТО сертификати.
„Овој процес планирам да го направам задолжителен и во системот на пополнување амбасадорски места“, вели во пишаната изјава Османи.