Нема информации за одбивање на пописот и за технички проблеми откако утринава започна попишувањето на населението, изјави денеска директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски по попишувањето на едно домаќинство во Ѓорче Петров.
Тој ги повика граѓаните да соработуваат за да се добијат релевантни податоци и да не подлегнуваат на иницијативите кои повикуваат да не им се отвара врата на попишувачите. Повтори дека попишувањето е безбедно во однос на ширењето на вирусот и нагласи дека попишувачите имаат соодветни легитимации со кои мора да се излегитимираат.
Со бојкотирањето на пописот, како што рече, граѓаните прават штета на самите себеси.
Пописот започна денеска и ќе трае до крајот на месецот. Во земјава немало попис 19 години.