ЕБОР - Годинава делумно опоравување на македонската економија

Годинава се очекува делумно опоравување на економијата, со раст на БДП од 4 проценти, благодарение на враќањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата владина потрошувачка. Моментот на раст се очекува да продолжи во 2022 година, исто така со 4 проценти, врз основа на повторното враќањето на приватните инвестиции, вели Јурген Ригтеринк, прв потпретседател на Европска банка за обнова и развој (ЕБОР), во интервју за МИА.

Брзината на опоравувањето на домашната економија е поврзана со опоравување на надворешната побарувачка и способноста на Владата да ја реализира амбициозната инфраструктурна агенда, со оглед на стеснетиот фискален простор.

„Краткорочно, високото ниво на вакцинирани и постојаната поддршка на најзагрозените и најранливите во општеството и економијта, ќе помогнат да се избегнат најлошите последици од пандемијата. На среднорочен план, враќањето кон претпазливи фискални политики е важно, паралелно со одржување на високо ниво на јавни инвестиции, фокусирање кон натамошниот развој на транспортот и енергетска инфраструктура, како и натамошен зелен економски раст“, вели Ригтеринг.

Пред неколку дена Министерството за финансии излезе со податок дека државата годинава излегува од криза и влегува во раст и заздравување истакнувајќи дека се стабилни очекувањата за раст од 4,1 проценти и инфлација од 2,1 процент годинава.