Лозари на протест – Се гледа крајот на лозарството

Протест на лозари во Неготино

Незадоволни лозари денеска излегоа на протест во Неготино. Тие протестираат оти се незадоволни од ниските откупни цени на грозјето и, како што велат, игнорантскиот однос на винарии, кои со понудените цени ги демотивираат лозарите.

„Ние лозарите бараме само да ни се вреднува вложениот труд и да знаеме предвремено дали да вложуваме во лозарството или да го напуштиме. Ако останат ланските цени, се гледа крајот на лозарството во нашиот крај“, велат тие што протестираат.

Во моментов на средба со нив се министерот за земјоделство Арјанит Хоџа, градоначалникот на Неготино Тони Делков и Диме Витанов, претседател на Совет на општината Неготино.

Со години наназад „смедеревката“ се откупува до 11 денари по колограм, а винската сорта „вранец“до 13 денари по килограм. Лозарите бараат да им се исплаќа по 16 и 17 денари.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) , виното е втор најзначаен извозен производ од земјоделско-прехранбениот сектор со учество од 11отсто во вкупниот извоз на земјоделско-прехранбени производи. Во текот на последните години (2014-2019) во просек се извезуваа околу 100 милиони литри вино со приход од околу 50 милиони eвра на годишно ниво.