Демонстрантите во Цетиње остануваат на барикадите

Противници на устоличувањето на Јоаникиј и ноќеска ќе останат на барикадата поставена на еден километар пред влезот во Цетиње од правец на Подгорица.

Граѓаните на Црна Гора кои се противат на устоличувањето на црногорско-приморскиот митрополит Јоаникиј во Цетински манастир најавија дека ќе останат на барикадите цела ноќ односно се додека Српска православна црква не се откаже од церемонијата во Цетиње.

Противниците на устоличувањето во текон на денот поставија барикади од автомобилски гуми, контејнери, шут на влезот во Цетиње. На една од барикадите има и шлепер. Демонстрантите сакаат да спречат срскито патрихарх Порфириј и митрополитот Јоаникиј да пристигнат на Цетиње каде утре во осум часот наутро треба да почне церемонијата.

Српскиот поглавар, пак, е во Подгорица каде одржа вечерна литургија пред Храмот на Христовото воскреснување. Патријархот Порфириј на Инстаграм ги негираше пишувањата на некои медиуми дека устоличувањето е одложено. Утре одиме за Цетиње да го устоличиме владиката Јоаникиј, напиша поглаварот на СПЦ.

„Ме зачуди тоа што одредени медиуми вечерва објавија дека сум се откажал од устоличувањето во манастирот во Цетиње. Се работи за ноторна лага и дезинформација“, напиша тој на Инстаграм.

Верници пред Храмот на Христовото воскреснување во Подгорица.

Демонстранти соопштија дека ќе ги запалат автомобилските гуми што се поставени на барикадите, ако полицијата се обиде да ја отстрани блокадата.

Претходно на кружниот тек во Цетиње демонстрантите се судрија со полицијата.

Црногорската полиција соопшти дека безбедносната ситуација во Цетиње е неповолна и ризична.

Во Цетиње претходно пристигна претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

Противниците бараат чинот на устоличување да се изведе во кој било друг град во Црна Гора, само не во Цетиње, кој е културно-историски центар на Црна Гора. Манастирот во Цетиње е седиште на црногорско-приморската Митрополија на СПЦ.