Зоран Милески – Кичеец, кој издржува затворска казна за случајот „Рекет“ во затворот во Струга, според болнични извори, е еден од учесниците во сообраќајната несреќа, која се случи попладневно на магистралниот пат Кичево-Гостивар во близина на Новоселски гробишта.
Од Управата за извршување на санкции велат дека Милески користел 30 дневно отсуство од затвор поради неодложни лекарски прегледи.
Во сообраќајната несреќа едно лице загина, а седум се повредени, од кои четири потешко, поради што се пренесени на Клиничкиот Центар во Скопје.
Кичеец е на отсуство од 8 август до 8 септември.
Милески казната затвор ја издржува во отвореното одделение во затворот во Струга.
„Тој веќе има издржано повеќе од половина од затворската казна и до 08.09 треба да се врати на доиздржување на затворската казна, се нагласува во официјалниот одговор на Управата.
Зоран Милески призна вина за случајот „Рекет“, во кој се осудени и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски и спогодбено доби најниската затворска казна. Милески е осуден на три години затвор, откако во декември 2019 година го призна делото за случајот „Рекет“ – примање награда за противзаконито влијание.
Тој на 26 октомври 2020 влезе во Казнено поправниот дом (КПД) Струга за отслужување на правосилната затворска казна од три години.