За одбележување на 30 години независност, в среда пред Владата ќе се одржат првин дефиле, па говори на политичкиот врв, а на крај ќе има музички дел. Покрај официјалните гости и медиуми, според протоколот и актуелната состојба со пандемијата, предвидено е присуство на околу 1000 граѓани кои ќе можат да се акредитираат за бесплатен билет и сите ќе требаат да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележаност од ковид-19.
Со изведба на делото „Симфонија за филхармонија“ од композиторот Живоин Глишиќ и дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, волонтерите на Црвен крст, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата, во среда на 8 септември во 17:30 часот пред Парламентот ќе започне прославата по повод 30 години независност, брифираат од Владата.
Според протоколот, официјалниот дел ќе почне во 18:30 часот со интонирање на државната химна од страна на Воениот оркестар, по што ќе следуваат говорите на државниот врв. Обраќање ќе имаат претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
После обраќањето на премиерот, односно од 19:30 часот започнува музичкиот дел.
Почнувајќи од утре, наредниве денови и за време на прославата ќе има посебен сообраќаен режим во централното градско подрачје. Од утре ќе се прават проби, а наредните денови ќе почне и поставувањето на бината.