Филипче – Најверојатно ќе биде потребна и трета доза вакцина

Министерот за здравство Венко Филипче

Сите испитувања одат во насока дека ќе биде потребна и трета доза на вакцина против ковид-19, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој информираше дека имал состанок со претставници на „Фајзер“, на кој разговарале за плановите за следната година и за нивните сознанија во однос на клиничките испитувања. Министерот вели дека се чека официјализирање на наодите па потоа ќе се донесе одлука за трета доза на вакцина.

Министерот за здравство изјави дека во моментов има доволно вакцини.

„Околу 300 илјади дози се на располагање, 115 илјади дози на вакцини од „Астра Зенека“, 110 илјади „Фајзер“ и 100 илјади дози од „Синовак“ и ја имаме оваа континуирана количина која што доаѓа од 30-40 илјади секој понеделник или вторник од компанијата „Фајзер“, изјави Филипче.

Тој повторно укажа дека не треба да постои сомнеж кај граѓаните и оти сите вакцини се безбедни.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани против ковид се вкупно 741.553 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.306.042 дози вакцини, а ревакцинирани се 564.488 граѓани.