САД очекуваат да примат најмалку 50 илјади Авганистанци евакуирани од Кабул

Евакуација на население од Авганистан

Најмалку 50 илјади Авганистанци се очекува да бидат примени во САД како дел од заложбите на земјата да им помогне на луѓето кои работеа со САД за време на војната во Авганистан, изјави шефот на американското Министерство за национална безбедност.

Десетици илјади Авганистанци веќе пристигнаа во САД откако ги поминаа безбедносните проверки и се сместени во воени бази во земјата. Тие добиваат медицинска грижа, помош при поднесување на апликации за имиграција и други услуги кои имаат за цел да им помогнат да се населат во САД.

Секретарот за национална безбедност Алехандро Мајоркас денеска изјави дека сè уште останува отворено прашањето колку точно луѓе ќе дојдат и колку време ќе биде потребно за да се донесат во САД.

Мајоркас рече дека некои евакуирани биле запрени во транзитните земји поради „погрдни информации“, но не даде детали. Нејасно е што ќе се случи со Авганистанците кои нема да ги поминат безбедносните проверки во транзитните земји, како Германија, Шпанија, Кувајт или Катар.

Вашингтон најави дека „ранливите Авганистанци кои ќе ги поминат безбедносните проверки ќе бидат безбедно и ефикасно преселени во САД“.

Повеќе од 120 илјади луѓе беа евакуирани од аеродромот во Кабул во мисијата за евакуација на американски и авганистански државјани кои им помагале на Американците. Евакуацијата заврши на 31 август, но талибанците, кои ја презедоа власта во Авганистан, рекоа дека ќе им дозволат на луѓето со валидни патни испрати да заминат од земјата.

„Наш морален императив е да ги заштитиме, да ги поддржиме оние кои ја поддржаа оваа земја“, рече Мајоркас, кој како дете, заедно со своите родители, како бегалец дошол во САД.

Талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август, по повлекувањето на странските сили, а илјадници Авганистанци ја напуштија земјата во страв за својот живот.