Пописот ќе се спроведе безбедно и не постои шанса за ширење на вирусот, порачаа надлежните на денешната прес-конференција. Сè е подготвено за почеток на пописот на населението и објектите кој стартува утре, рече директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Во земјава попис не е спроведен 20 години.
„После речиси 20 години, премрежја, опструкции и одолговлекувања конечно сме на прагот да започнеме со теренската работа и со собирањето на потребите податоци. Сите подготовки се завршени. Комисите на пописните региони заедно со нашите државни инструктори успешно ги завршија обуките на реонските инструктори и попишувачи и денеска се излезени на терен во обиколка на своите пописни кругови“, рече Симовски.
Министерот за правда Бојан Маричиќ порача дека пописот ќе се спроведе безбедно и оти попишувачите се обврзани доследно да ги почитуваат протоколите.
„Не постои никаква шанса за ширење на заразата. Попишувањето ќе биде безбедно, со најдобра технологија, брзо и ефикасно и инклузивно на сите јазици кои се говорат во РСМ. Никој да не биде изоставен и сите да земат учество за да ја добиеме реалната слика“, изјави министерот Маричиќ.
Тој вели дека пописот е неопходен за да може да се добијат точни информации за населението и за објектите кои се клучни во креирањето на идните политики во земјава.
Надлежните на денешната прес-конференција порачаа дека се вложени огромни напори да се организира пописот и оти сега останува на граѓаните заеднички да помогнат да се реализира оваа статистичка операција.
Пописот почнува на 5 септември, а ќе трае до крајот на месецот. Во меѓувреме тече онлајн попишувањето на луѓе од дијаспората.