Министерството за надворешни работи (МНР) потврди дека еден вработен во Министерството, кој во моментов е упатен во нашата Мисија во ОБСЕ во Виена, е притворен во Србија на 27 август 2021, за што Министерството за надворешни работи на Србија официјално ја известило македонската Амбасада во Белград.
На потврдата од МНР ѝ претходеа неколку неофицијални објави во дел од медиумите на македонски и на албански јазик дека „македонски дипломат бил приведен во соседна Србија поради незаконски дејанија поврзани со лице од Ерменија“.
Според известувањето од македонското МНР, „надлежниот суд во Србија определил екстрадиционен притвор по основа на меѓународна потерница за дело за кое се товари дека го сторил за време на негово приватно патување во странство“.
„Министерството за надворешни работи, согласно законските надлежности го стави во мирување работниот однос со притворениот вработен, сѐ додека случајот не биде разрешен“, соопшти македонското МНР.
Од Министерството не соопштуваат детали за случајот.