Грчката Влада одлучи да ги продолжи за уште една недела рестриктивните мерки за влез во Грција, а во однос на заштитата од ковид-19. И во наредните седум дена грчките власти на граничните премини ќе бараат документ поврзан со Ковид-19 и пополнет PLF формулар, а и понатаму ќе има и задолжително тестирање при пристигнувањето во земјата за оние кои од Македонија патуваат во Грција со негативен тест.
Новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“ е веќе објавена во Службен весник на Грција, стапи во сила денеска и е со важност до 10 септември 2021 година.
Продолжени се и воведените промени минатата седмица, што се однесуваат на патниците кои немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, а во Грција влегуваат од одредени земји, меѓу кои и Северна Македонија, која беше додадена на листата. Овие патници, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во Грција.