Бизнисменот Јордан Орце Камчев, обвинет во случајот „Плацеви на Водно“, останува во притвор во затворот во Шутка, откако Кривичниот совет во Основниот суд ја одбил понудената гаранција од 2 милиони евра. По оваа одлука одбраната на Камчев има право да поднесе жалба до Апелација, во рок од три дена, почнувајќи од вчера.
Според адвокатот Еленко Миланов, понудената гаранција за Камчев се состоела од 1,7 милиони евра во недвижнини и 200 илјади евра во готовина. Миланов, адвокатот на Камчев, рече дека неговиот клиент треба да биде пуштен во куќен притвор, иако ставот на одбраната е дека тој треба да се брани од слобода. Ова е втор обид за понуда на гаранција за Камчев да се брани од словода.
Во предметот обвинети се и експремиерот Никола Груевски, бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ. Според обвинението, во периодот од јуни 2006 до октомври 2012 година, Груевски како лидер на партија наместо да прикаже пари како примени донации во ВМРО-ДПМНЕ, за себе прибавил 1,3 милион евра (79 972 140 денари), а потоа ги пуштал во оптек и купувал парцели на Водно. Станува збор за земјиште на кое имало шума, а кое со промените во Генералниот урбанистички план (ГУП) било пренаменето во градежно. Покрај имотот на Водно, обвинението опфаќа и два стана во главниот град и две парцели во Крушево за кои обвинителството тврди дека се прекривал вистинскиот сопственик.
Судскиот процес почна на 16. јули и по одложувањето на последните две рочишта, следното е закажано за 10. септември.