Полска прогласи вонредна состојба во два региона што се граничат со Белорусија по напливот на илегална миграција, за која Варшава го обвини својот сосед. Полска и Европската унија го обвинија белорускиот претседател Александар Лукашенко дека охрабрил стотици мигранти да преминат на полска територија за да извршат притисок врз Унијата поради санкциите што ги воведе врз Минск.
ЕУ ја осуди Белорусија за „агресивно однесување“ на границата
Со наредбата за вонредна состојба - прва од ваков вид во Полска од времето на комунизмот – се забрануваат масовни собири и се ограничува движењето на луѓето во појас од 3 километри долж границата за 30 дена. „Атмосферата е генерално воена, насекаде има униформирани, вооружени војници ... ме потсетува на војна“, изјави за Ројтерс Марта Ана Курзјинец, жителка на полскиот пограничен град Кринки.
Полска крева ограда висока 2,5 метри на границата со Белорусија
Полска во минатата недела започна да гради ограда со бодликава жица за да го спречи протокот на мигранти од земји како Ирак и Авганистан. ЕУ воведе економски санкции против Белорусија по спорните избори во август 2020 година и справувањето со опозицијата.