Се засилуваат повиците во рамките на Европската унија за создавање на воени сили за брза реакција кои ќе одговорат на кризите во светот по хаотичните сцени од аеродромот во Кабул откако талибанците ја презедоа власта врз Авганистан пред повеќе од две недели.
Министрите за одбрана од ЕУ денеска се собраа на состанок во Словенија да разговараат за последиците од повлекувањето на западните сили од Авганистан, а треба и повторно да го разгледаат предлогот за формирање на сили од околу 5000 војници способни за брзо распоредување.
САД и нивните сојузници успеаја да евакуираат повеќе од 123 илјади странци и Авганистанци од Кабул од 14 до 31 август, кога САД го заврши своето воено присуство во земјата по две децении. Сепак, десетици илјади Авганистанци, кои им помагаа на западните земји против милитантите за време на 20-годишната војна, останаа во земјата, каде што се соочуваат со ризици. ЕУ беше оставена настрана за време на евакуацијата, која беше предводена од САД.
„Време е да изградиме посилна одбрана на ЕУ. Подоцна ќе биде доцна. Ова е пораката која ја донесов на неформалниот состанок на министрите за одбрана“, напиша на Твитер генералот Клаудио Грацијано, претседавач со воениот комитет на ЕУ составен од земјите членки.
Пред состанокот, тој за медиумите изјави дека ситуацијата во Авганистан, Блискиот Исток и во Сахел покажува дека сега е време да се десјтвува „почнувајќи со создавање на европски сили за брза реакција, способни да ја покажат волјата на Унијата да дејствува како глобален стратешки партнер“.
Шефот за заедничка надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во Словенија рече дека силите за брза реакција мора да бидат дел од напорите на ЕУ да ја развие својата заедничка одбрана.
„Понекогаш има настани што ја катализираат историјата, создаваат пробив, и мислам дека Авганистан е еден од тие случаи“, рече тој.
Германската министерка за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер рече дека лекциите од Авганистан се дека „стануваме поавтономни како Европејци и може да дејствуваме понезависно“. Сепак, таа инсистира дека „е многу важно да не дејствуваме како алтернатива на НАТО и на Американците“.
Напорите на ЕУ да создаде сили за брзи реакции беа парализирани повеќе од една деценија, а постои голем сомнеж дека ќе има политичка волја за такво нешто. Во 2007 година, Унијата формираше систем на групи со големина на баталјон со големина од 1500 војници, но никогаш не беше употребуван поради несогласувањата.