Специјалниот пратеник на ЕУ за преговори Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, на својот Твитер профил напиша дека одржал две важни и значајни одделни средби со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти, на маргините на Бледскиот стратешки форум.
Мирослав Лајчак соопшти дека разговарал со Вучиќ и Курти за следните чекори поврзани со дијалогот, што треба да доведе до нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека разговорите со Приштина ќе се продолжат на ниво на технички дијалог и дека специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, наскоро ќе ги посети Србија и Косово.
Вучиќ најави дека Приштина, на годишнината од потпишувањето на Вашингтонскиот договор на 4 септември, ќе започне нови акции за барање на признавање на независноста на Косово.
Договорот од Вашингтон потпишан од претставниците на Србија и Косово на 4 септември во Белата куќа предвидува едногодишен мораториум за лобирање на Белград за повлекување на признавањето на Косово, односно лобирање на Приштина за признавање на Косово и негово примање во меѓународните организации. Тој мораториум истекува на 4 септември.