Најмалку 65 загинати во судирите во Јемен

Дете-војник од Хути бунтовниците во Јемен

Најмалку 65 борци загинале во новите судири меѓу владините сили и бунтовниците во провинцијата Мариб на северот на Јемен, изјавија денеска локални претставници.

Мариб е последното упориште на владините сили на северот на земјата разорена од војна. Во провинцијата богата со нафта од февруари има жестоки судири која бунтовниците Хути започнаа офанзива против владините сили.

„На страна на владините сили имаше 22 мртви и 50 ранети, а на страна на Хути 43 мртви во изминатите 24 часа“, рече неименуван владин претставник.

Од заземањето на главниот град Сана во 2014 година, бунтовниците зазедоа голем дел од северот на земјата.

Во изминатите месеци тие водат акција за заземање на Мариб и покрај апелите од меѓународната заедница за прекин на огнот.

Јемен е една од најсиромашните земји во светот, каде што 80 отсто од населението зависи од меѓународна помош и е на раб на глад.