Притисокот врз Бугарија во наредните месеци на темата Република Северна Македонија ќе продолжи да се зголемува, изјави претседателот на Бугарија Румен Радев, кој учествува на Бледскиот стратешки форум
„Очекувањата за компромис со Бугарија растат, бидејќи во последните години односите со Скопје се во ќорсокак и Бугарија остана изолирана“, изјавил Радев.
Според него, Резолуцијата која во јули беше изгласана во Парламентот во Северна Македонија го зацементира неспроведувањето на Договорот за добрососедство од 2017 година. Радев смета дека Резолуцијата ги истакнува јазикот и идентитетот како црвени линии за кои Скопје нема да преговара со Софија.
Претседателот на Бугарија повтори дека главен приоритет на бугарската надворешна политика останува европската интеграција на Западен Балкан и дека Бугарија е најзаинтересирана Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ, но да ги исполни своите обврски.
Радев, исто така, изјави од Блед дека очекува заштита на правата на луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија, елиминација на негативната слика за Бугарија во учебниците, спомениците и медиумите и прекин на говорот на омраза.
Бугарскиот претседател им се заблагодари на претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев за продолжувањето на дијалогот на највисоко ниво, во која насока се систематските напори на преодната влада на Бугарија.
Премиерот Заев, пак, во изјава за БНТ изрази надеж дека Бугарија наскоро ќе има стабилна влада со цел да ги продолжи разговорите за европската интеграција на Скопје.