Франција и Германија го повикаа Иран веднаш да ги продолжи разговорите за заживување на договорот за нуклеарната програма, откако Техеран рече дека може ќе му требаат уште неколку месеци пред да се врати на преговарачка маса.
„Ние бараме Иран да се врати на преговарачка маса конструктивно и што е можно поскоро“, рече портпаролот на германското Министерство за надворешни работи на денешниот брифинг. И францускиот министер за надворешни работи Жан-Ив Ле Дриан во телефонски разговор со неговиот ирански колега Хосеин Амир-Абдолахијан истаканл дека е многу важно итно да се продолжат преговорите.
Договорот, според кој Иран се согласи да ја ограничи контроверзната нуклеарна програма во замена за ублажување на санкциите, беше имплементиран во 2015 година, но САД го напуштија три години подоцна.
По најмалку шест рунди директни и индиректни преговори во Виена за продолжување на договорот, процесот сега е во застој откако на изборите во јуни победи тврдокорниот ирански претседател Ебрахим Раиси.
На 31 август иранскиот министер за надворешни работи рече дека вистински преговори се оние преговори кои ќе дадат резултати со кои ќе се овозможи гарантирање на правата на иранската нација.
Амир-Абдолахијан рече дека преговорите во Виена се едно од прашањата кои се на владината агенда за надворешна политика, но дека другата страна треба да знае дека ќе бидат потребни два до три месеци за да се воспостави новата влада и да се започне со носење одлуки.
Во август, Велика Британија, Франција и Германија, кои се земји потписнички на Договорот за нуклеарната програма на Иран, изразија сериозна загриженост дека Техеран го крши договореното во 2015, односно го забрза збогатувањето ураниум. Извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија покажа дека Иран произвел 200 грама ураниум метал збогатен до 20 проценти, а металот од ураниум може да се користи за изградба на јадрото на нуклеарна бомба. Иран негираше дека се обидува да развие нуклеарно оружје.