Српскиот претседател Александар Вучиќ на Блед изјави дека Приштина на 4 септември ќе започне нова акција, со нови барања за прием во многу меѓународни организации како Интерпол, УНЕСКО и Советот на Европа.
„Значи тие целосно ја запираат понатамошната имплементација на Вашингтонскиот договорот и договорот што го имавме. Тоа ќе донесе дополнителна нестабилност во регионот и наша работа е да се подготвиме и да одговориме на тоа “, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека информациите за тоа стигнале од домашни разузнавачки извори и дека е загрижен за таквите информации.
Со Вашингтонскиот договор потпишан на 4 септември 2020 година за нормализација на економските односи меѓу Србија и Косово, Косово се согласи на едногодишен мораториум за барање на членство во меѓународни организации, додека Србија се согласи една година да се откаже од кампањата за повлекување на признавањето на независноста на Косово и од барањата од други држави да не го признаваат Косово.
Во Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово за Радио Слободна Европа потврдија дека се прават подготовки за апликации во неколку меѓународни организации, но не дадоа повеќе детали.
„Подготовките во таа насока ги прават одговорните тимови, со цел апликациите да бидат подготвени кога ќе се отворат роковите за аплицирање“, изјавија за РСЕ во информативната канцеларија на Министерството.
Инаку, Косово се стреми да се приклучи на УНЕСКО и Интерпол.
Неодамна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека ќе се ангажира околу за нови признавања на независноста на Косово. Вучиќ на тоа веднаш одговори велејќи дека кој и да одлучи да го признае Косово, Србија веднаш ќе започне кампања за отпризнавање на Косово.
На Бледскиот стратешки форум, претседателот на Србија, Александар Вучиќ се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак.
Вучиќ рече дека дијалогот ќе биде продолжен на техничко ниво.
„Наскоро очекуваме посета од Лајчак на Приштина и Белград“, додаде тој.
Вучиќ рече дека во Блед не се сретнал со косовскиот премиер Албин Курти, туку дека „го видел од бината“. Претседателот на Србија учествуваше на панел за иднината на Европа.
Одговарајќи на новинарск ипрашања, тој рече дека на сите им е јасно дека Србија не може да биде дел од Европската унија додека не ги реши односите со Приштина.
Под покровителство на ЕУ, Белград и Приштина водат преговори за нормализација на односите, што треба да резултира со правно обврзувачки договор.
Косово, поранешна јужна српска покраина, прогласи независност во 2008 година. Србија не ја призна државноста на Косово.