Пописот почнува в недела, од владата велат се е подготвено

Регистрација за попишувачи за пописот кој почнува в недела

Се е подготвено за почеток на пописот којшто треба да почне во недела на петти септември, изјави денеска владиниот портпарол Душко Арсовски.
На редовната прес-конференција во Владата, Арсовски соопшти дека во сите комисии на 50-те пописни реони се завршени обуките на реонски инструктори и реонските попишувачи.

„Во деновите до недела, кога во 8 часот наутро попишувачите ќе излезат на терен, ќе се вршат дополнителни обуки, но и обиколка на пописните кругови со кои се задолжени попишувачите. До недела, секој попишувач заедно со својот реонски инструктор ќе направи и план за движење низ пописниот круг со цел ниту еден објект, ниту едно домаќинство, да не остане неопфатено. Сигурни сме како Влада дека граѓаните со доверба ќе ги примат попишувачите и ќе им ги дадат потребните податоци коишто ќе овозможат подобра иднина за сите нас и за земјата во целина“, изјави Арсовски.

Пописот ќе се спроведува до крајот на септември. Првично беше планирано да се спроведе од 1 до 21 април годинава, но беше одложен поради состојбата со пандемијата во тој период.

Во Македонија последен пат оваа статистичка операција се спроведе во 2002 година. Обидот за попис во 2011 година беше неуспешен. Специјалното јавно обвинителство (СЈО) отвори предмет за пропаднатиот попис организиран од владата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Според СЈО со стопирањето на оваа операција тогашниот премиер и Никола Груевски и неговиот коалициски партнер во владата Али Ахмети му нанеле штета на буџетот во висина од 2,8 милиони евра.

Овој предмето по пропаѓањето на СЈО го презеде Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, а истрагата пропадна, оти не беа собрани доволно докази за да може кривично да се гонат Груевски и Ахмети.