Американскиот претседател Џо Бајден денеска во Белата куќа ќе се сретне со претседателот на Украина Володимир Зеленски во знак на солидарност меѓу двете земји, соопшти во неделата Белата куќа. Средбата се одржува два дена подоцна од првично закажаното, бидејќи Бајден го надгледува одговорот на ураганот Ида и повлекувањето на американските сили од Авганистан.
На самитот на иницијативата на Кримската платформа осудена руската анексија на Крим
„Оваа посета ќе ја афирмира непоколебливата поддршка на Соединетите држави за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина наспроти тековната агресија на Русија“, се вели во соопштението на Белата куќа. Русија го анектираше полуостровот Крим од Украина во 2014 година и ги поддржа сепаратистите во конфликтот во источниот украински регион Донбас, во кој загинале 14.000 луѓе. Лидерите ќе разговараат и за енергетската безбедност, како и за „поддршката на Белата куќа за напорите на претседателот Зеленски да се справи со корупцијата и да спроведе реформска агенда базирана на нашите заеднички демократски вредности“, се додава во соопштението.