Американскиот претседател Џо Бајден во телевизиското обраќање на 31 август сумирајќи ги неодамнешните акции во Авганистан рече дека неговиот избор бил „напуштање или ескалирање“ и ја презеде „одговорноста“ за својата одлука. Повлекувањето, рече Бајден, исто така е „за завршување на ерата на големи воени операции за обнова на други земји“. „Повеќе немавме јасна цел во мисијата во Авганистан“, рече американскиот претседател ден откако беше објавено дека повлекувањето е завршено. „Ова е вистинска одлука. Мудра одлука. И најдобра одлука за Америка".
По 20 години крај на војната во Авганистан
Соединетите држави и нивните сојузници евакуираа повеќе од 123.000 странци и Авганистанци во ризик надвор од Кабул по 14 август, ден пред талибанците да го заземат Кабул две децении откако беа отстранети од власта со инвазијата предводена од САД во 2001 година. Заземањето на Кабул од страна на милитантите следуваше по четиримесечните брзи победи што ја оставија тврдокорната ултраконзервативна милитантна група да има контрола над поголемиот дел од земјата откако официјално започна повлекувањето на меѓународните трупи предводени од САД на 1 мај.
Бајден им оддаде почит на американските војници убиени во Кабул
Тој рече дека продолжувањето на учеството во авганистанскиот конфликт не е во „витален национален интерес“ на Соединетите држави. „Едноставно, не верувам дека безбедноста и сигурноста на Америка е зголемена со продолжувањето на распоредувањето на илјадници американски војници и трошењето милијарди долари во Авганистан“, рече тој. Тој рече дека негов приоритет е да се осигура дека Авганистан никогаш нема да се искористи за да изврши нов напад врз Соединетите држави, како нападите од 11 септември, надгледувани од водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен од Авганистан, пред две децении. Само неколку часа откако полета последниот американски воен авион од Кабул, се појавија извештаи за борби во делот на Авганистан кој не е под контрола на Талибанците: провинцијата Панџшир 100 километри североисточно од главниот град, која ја држат под контрола антиталибанците.