Владата на денешната седница донесе одлука со која се дополнуваат веќе важечките мерки за заштита од ширење на ковид-19. Според новите дополнети правила училишната година во Тетово и Гостивар во првите 14 дена ќе се одвива он- лајн, додека во Кичево и Струга учениците ќе посетуваат он- лајн настава во првите седум дена од септември.
„Владата денеска го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за онлајн организирање на наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар во траење од 14 дена од почетокот на учебната година, и онлајн настава од првите 7 дена во Кичево и Струга, заради ситуацијата со вирусот во овие општини, по што, откако ќе заврши овој период, ќе се донесе нова одлука согласно развојот на ситуацијата“, се вели во владиното соопштение.
На денешната седница е дополнет и протоколот за бројот на децата по групи во градинките, со што се зголеми бројот на деца од 21 на 25 деца и тоа само во големите групи, а не и за групите од 0 до 2 години.
Владата денеска одлучи дека сите кои од утре ќе влегуваат во земјава на граничните премини ќе мора да покажат сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест ковид -19.
Втората опција е да имаат потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето или медицинска потврда со негативен резултат од PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред излез од територијата на Република Северна Македонија. Последната опција е да имаат негативен брз тест за антигени тела направен 48 часа пред излез од државата.
Владата ја дополни и одлуката за задолжителен домашен карантин во траење од 7 дена доколку при влез во државата немаат негативен ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан ковид -19, при што времетраењето на карантинот може да се скрати на 5 дена доколку во тој период биде приложен негативен ПЦР тест. Ова важи и за домашни и за странски државјани. Трошоците за изолација на странските државјани е на нивни трошок.
Владата денеска донесе измени со кои се предвидуваат исклучоци од оваа мерка за наши државјани возачи на товарни моторни возила, како и за возачи на товарни возила странски државјани кои транзитираат низ земјата.
На денешната седница е усвоен и исклучок од мерката за транзит за авионските екипажи кои слетуваат на меѓународните аеродроми во земјата, според кој наместо 5 часа им се дозволува подолг транзит престој заради природата на нивната работа.