Владејачката партија СДСМ денеска објави уште 17 кандидати за градоначалници на претстојните локални избори. Таа на овие избори ќе учествува со 69 кандидати од нејзините редови.
Генералниот секретар на партијата Љупчо Николовски на денешната прес конференција посочи дека СДСМ на овие избори ќе оди со нови кандидати за градоначалници на Куманово, скопски Центар, Битола, Струмица, Крива Паланка. Тоа се општини во кои досегашните градоначалници не добија шанса од својата партија за нов мандат.
Во Центар, претседателот на општинската организација, Горан Герасимовски, ќе биде кандидат на СДСМ на овие избори, наместо досегашниот градоначалник Саша Богдановиќ. Во Битола за столчето на досегашната градоначалничка Наташа Петровски ќе се кандидира Христо Кондовски.
Богдановиќ - Не можам сам да се борам против цела држава
Во Куманово, кандидат ќе биде Оливер Илиевски, директор на тамошното ЈП „Водостопанство“ и секретар на општинската организација на СДСМ.
Николовски рече денеска дека актуелниот градоначалник на Куманово Максим Дикитриевски сам се исклучил од СДСМ со независната кандидатура и дека владејачката партија има само еден кандидат во оваа општина.
Во Струмица, кандидат на СДСМ ќе биде пратеникот и портпарол на партијата Костадин Костадинов, за местото на досегашниот градоначалник Коста Јаневски.
Вешт лов на гласови со заобиколување на изборни правила
Една третина од сите 69 кандидати за градоначалници на СДСМ, посочи Николовски, се нови лица.
„Во останатите општини СДСМ ќе поддржи кандидати на нашите коалициски партнери. Тоа е во Гостивар, во Дебар, во Чаир, во Сарај, во Липково, во Пласница, во Боговиње, каде СДСМ нема да истакне кандидати, но секако советнички листи СДСМ ќе има во сите општини“, изјави Николовски.
Го имаме најдоброто, нагласи Николовски, и СДСМ е фаворит и победник на овие локални избори.
Опозицијата смета дека СДСМ нуди стари и истрошени кадри.
„Кандидатите на СДСМ за градоначалници се лица кои смениле и по неколку функции до сега, воопшто не се нови како што велат, многу се подмитливи и тоа се виде по неколку афери кои излегоа за нив и се луѓе со сомнително бизнис минато“ изјави на прес конференција Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива во соработка за локалните избори
Имено претходно опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе ја поддржат независната кандидатка Даниела Арсовска за градоначалник на Скопје.
Заев: Нашата коалиција е стабилна и таа ќе победи на изборите