Билатералните односи меѓу Северна Македонија и Грција, состојбите во регионот, како и актуелните случувања и состојби во Авганистан биле теми на разговор на средбата на претседателот Стево Пендаровски со грчкиот министер за надворешни работи Никос Дендиас кој престојува во посета на Скопје.
Во соопштението од претседателскиот кабинет е наведено дека двајцата соговорници изразиле задоволство од политичкиот дијалог меѓу двете држави. Пендаровски најави дека во тек се подготовките за првата официјална посета на Грција, предвидена за наредниот месец.
Според Пендаровски економската соработка меѓу двете држави бележи напредок, при што оценува дека потпишувањето на Договорот од Преспа не само што ги нормализирал политичките односи, туку позитивно влијае и врз севкупните економски односи меѓу двете држави.
Дендиас задоволен, а за Османи спроведувањето на Преспанскиот договор е жив процес
Во однос на спроведувањето на Договорот од Преспа, претседателот Пендаровски посочил дека е неопходно негово натамошно имплементирање, како и ангажман од двете страни, за да се обезбеди брзо и непречено продолжување на работата на воспоставените тела со Договорот, се вели во соопштението.