Заев: Не само што го зачувавме идентитетот, туку и го потврдивме и зајакнавме

На патот од независноста до денеска, наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Ова го изјави денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето на свечената седница по повод 30 годишнината од независноста на земјата.

Референдумот за независност, додаде тој, недвосмислено ја одреди иднина, кога застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата и заедно ја прогласија за самостојна својата држава.
Заев изјави дека засекогаш ќе се паметат и ќе им се оддава почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности.

„Денес, кристално јасно е дека го исполнуваме заветот на нашите предци кои со векови го афирмираа, го бранеа и гинеа за македонскиот идентитет. Заедно со граѓаните го остваривме тој вековен сон со меѓународна верификација, “изјави тој.

Според него, Денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога граѓаните се обединиле за да ги утврдат стратегиските патокази и да го трасираат патот за демократски развој.

„Денес, кога славиме 30 години од нашата самостојна држава, Северна Македонија е длабоко приврзана кон европскиот проект. Имаме живо и динамично општество, во кое треба секој од нас да вложува за негов постојан развој. Граѓаните на нашата земја се активно поврзани со граѓанските вредности. Тие јасно го докажаа тоа. Делбите и кавгите заради тесно партиски или националистички интереси, или заради интереси спротивни на нашите стратешки определби, никому не му донесоа ништо добро, ниту ќе му донесат во иднина,“ посочи Заев во својот говор на свечената седница.