Осум луѓе се ранети, а еден цивилен авион е уништен денеска кога дрон вооружен со бомба погодил аеродром во југозападна Саудиска Арабија, јави државната саудиска телевизија.
Тоа е најновиот напад врз Саудиска Арабија во нејзината војна со бунтовниците во соседен Јемен.
Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот, втор таков на аеродромот Абха во последните 24 часа.
Во претходниот напад, за кој беа обвинети бунтовниците – шиитските Хути од Јемен, немаше повредени.
Воената коалиција предводена од Саудиска Арабија, која се бори против Хути во Јемен, не даде дополнителни детали за ранетите, и само наведе дека нејзините сили пресретнале дрон со експлозив.
Јеменските Хути од 2015 година се борат против коалицијата предводена од Саудиска Арабија. Тие напаѓаат меѓународните аеродроми, воени инсталации и нафтена инфраструктура во Саудиска Арабија.
Нападите често се врз јужните градови Абха и Џизан, но ретко предизвикуваат поголема штета, но има десетици ранети, најмалку еден убиен и ги потресуваат глобалните нафтени пазари.