Филипче - Единствен начин да им се помогне на децата е возрасните да се вакцинираат

Венко Филипче

Школската година треба да почне со физичко присуство, покажуваат анализите, а децата со хронични болести може да следат онлајн настава, рече денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Комисијата за спречување на заразни болести одлучувала по барањето на Струга и Кичево таму наставата да биде онлајн, но го одбила ваквиот предлог и таму ќе има настава со физичко присуство. Претходно Комисијата одлучи средните училиште во Тетово и Гостивар две недели да следат онлајн настава, а основците да се вратат во училишните клупи.

Министерот вели дека единствен начин да им се помогне на децата е возрасните да се вакцинираат. Ако се појави позитивен случај на вирусот во одделението, епидемиолозите ќе одлучат дали цело одделение ќе следи онлајн настава или ќе се работи комбинирано. Министерот вели дека засега нема да има тестирање на децата, како што препорачуваат УНИЦЕФ и СЗО, а доколку има потреба за тоа ќе се направи тестирање на учениците.

„Утре започнува училишната година која е ќе биде со физичко присуство. Ова е многу важно за децата и учениците бидјеќи недвосмислено сите анализи покажуваат дека тие мора да одат на училиште и дека повторно одлагање на учебната година или учење онлајн е на нивна штета“, изјави министерот Филипче.

За граѓаните кои од разбирливи причини бараат онлајн настава, министерот Филипче им порача дека доколку се влошува состојбата или вирусот почне да се шири во училиштата, подготвени се алтернативни решенија. Во тој случај, здравјето на децата нема да биде доведено во прашање. Со оглед на тоа што искуството од минатата година покажа дека трансмисијата на вирусот во училиштата беше прилично ниска, нема такви очекувања.

Стагнира бројот на новозараени со ковид, вели министерот и најави дека денеска бројот на новозаразени е под 900 луѓе.

Министерот за здравство во однос на лекувањето за заболените од ковид, рече дека процесот на нивно лекување е комплексен.

„Не се однесува на тоа дали се дава антибиотик или не. Проценка на возраста, ризиците, хроничните болести, претходна терапија, состојба на коагулација на крвта и така натаму“, рече Филипче на денешната прес-конференција.

Тој вели дека болничко лекување му е достапно на секого во кој било временски период.