Првата група на граѓани од Авганистан вечерва пристигнува на аеродромот Скопје. Според информациите од Владата вечерва се очекува да пристигнат 149 граѓани на Авганистан, вработени, соработници и членови на нивни семејства, на меѓународната организација Отворено владино партнерство (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на Transparency International, Wold Economic Forum и други меѓународни организации.
„Станува збор за граѓани кои беа животно загрозени од талибанските структури и на кои им помагаме да си го спасат животот. Тоа се граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан“, велат од Владата.
На скопскиот аеродром ќе бидат прифатени од МНР, МВР, Црвениот Крст, Министерството за здравство и меѓународните организации, а ќе бидат сместени во хотели и мотели, како што беше претходно најавено. Црвениот крст ќе биде првиот контакт за граѓаните од Авганистан, МВР ќе ги спроведе сите безбедносни проверки, а Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР тест и можност за вакцина.
Претходно министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски посочи дека бројката на авганистански цивили, кои работеле за меѓународните организации, што ќе бидат прифатени во земјава се менува поради состојбата во Кабул, а граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи нема никаков основ за нарушување на безбедноста и здравјето во делот на оваа оперативна акција.
Претходно од Владата соопштија дека се очекува во земјата да пристигнат 780 лица од Авганистан.
Групи на Авганистанци веќе пристигнаа во Албанија и во Косово.
Откако талибанците ја презедоа власта во Авганистан на 15 август започнаа мисии за извлекување на авганистански граѓани од земјата кои соработувале со западните земји и организации.