Авион со медицинска опрема на Светската здравствена организација (СЗО) денеска слета во Авганистан, прв пат од 15 август, кога талибанците ја презедоа власта во земјата.
Како што соопшти СЗО, авионот го обезбедила пакистанската влада, а полетал од Дубаи.
Авионот слетал на аеродромот Мазар-и-Шариф во Авганистан со 12,5 тони лекови и медицинска опрема.
Минатата недела, СЗО предупреди дека залихите на медицинска опрема која е преостаната во Авганистан е доволна само за уште неколку дена, зашто таа организација не може да испрати помош преку аеродромот во Кабул од каде што се одвива евакуација на граѓаните.
Неименуван претставник на СЗО изјави дека во пратката има медицинска опрема за покривање на потребите на повеќе од 200 илјади луѓе и за 3500 хируршки интервенции.
Опремата директно ќе биде префрлена во 40 здравствени установи во 29 авганистански провинции.
Претставникот на СЗО изјави дека се предвидени уште два лета со опрема, но не го наведе датумот на испорака на наредната пратка.