За да се постигне колективен имунитет против ковид-19 во Грција, според експертите, потребни се уште барем еден милион вакцинирани, рече портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите. Тој денеска изјави дека вакцинацијата е задолжителна за сите здравствени работници и од 1 септември невакцинираните ќе бидат на принуден одмор.
В среда истекува рокот за вакцинација на здравствените работници во јавните и приватните структури, а „законот што предвидува суспензија за оние кои не примиле барем една доза, ќе се спроведе и ќе се примени во целост“, вели портпаролот на грчката влада.
Тој додаде дека невакцинираните дури и да решат да се имунизираат по 1 септември, не е сигурно дека ќе се вратат на истите позиции.
„Владата треба да продолжи и ќе продолжи со спроведување на мерките, не од инает, не за да казнува, не за да се спротивставува, не за да не создава непријатели, туку да го заштити целото општество“, рече Иконому.
Тој вели дека Владата ќе ја искористи секоја плодна идеја за да се охрабрат невакцинираните да се имунизираат. Како пример ја спомена програма за вакцинација со мобилни единици пред црквите, како и ваучерот од 150 евра за младите од 18 до 25 години.
Барем една доза вакцина во Грција примиле 58 отсто од населението, а целосно се вакцинирани над 55 отсто од граѓаните, односно околу 5,7 милиони луѓе.