Ковид-пропусница и за келнерите и други вработени во Франција

Луѓе во кафуле во Франција

Санитарната пропусница, која од пред неколку недели е задолжителна за влез во поголемиот број јавни места во Франција, од денеска е задолжителна и за 1,8 милиони вработени во рестораните, кината, музеите, па дури и во возовите на подолги релации.

Работодавачите до 15 ноември мора да ја проверат валидноста на санитарните пропусници на своите вработени кои се во контакт со јавноста.

Француското Министерство за труд соопшти дека пропусницата посебно се однесува на вработените во баровите, рестораните, театрите, кината, забавните паркови, зоолошките градини, саемите, трговските центри и во превозот на долги релации.

Санитарната пропусница, која подразбира доказ за вакцинација, прележаност или негативен тест на коронавирус, од 21 јули е задолжителна за влез во сите објекти за култура и забава, а од 9 август за повеќето јавни места.

Властите наведуваат дека работодавачаите може да ги суспендираат вработените кои по неколку недели нема да имаат санитарна пропусница.

Воведувањето ковид пропусница во Франција предизвика протести кои обично се одржуваат ширум земјата во сабота. Минатата сабота на протести излегоа 160 илјади луѓе, од кои 14500 во Париз.

Тамошниот Институт за јавно здравје соопшти дека околу 48 милиони Французи примиле барем една доза од вакцината против коронавирус, а над 43,5 милиони луѓе се целосно вакцинирани.