Нов функционер на Стејт Департментот за Европа- Габриел Ескобар на местото на Метју Палмер

Габриел Ескобар новиот американски заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт департмент

Заменик амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Србија Габриел Ескобар на седми септември ќе ја преземе новата должност- заменик помошник секретар за европски и евроазиски работи во американскиот Стејт департмент, потврдија за Радио Слободна Европа од американската амбасада во Белград. Ескобар на таа позиција ќе го замени Метју Палмер кој досега ја извршуваше функцијата во Стејт Департментот.

Ескобар има дипломатско искуство на Западен Балкан каде што во периодот од 1998 до 2001 година имаше четири последователни мандати во повеќе држави. Покрај заменик амбасадор во Србија тој беше на служба и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.

Тој беше шеф во кабинетот во Канцеларијата на високиот претставник во Бањалука во босанскохерцеговскиот ентинет во Република Српска како и шеф на канцеларијата на американската амбасада во тој град.

Ескобар беше и на функцијата заменик шеф на американскиот дипломатски тим за врски во главниот град на Црна Гора, Подгорица и шеф на политичкиот оддел во Србија веднаш по повторното отворање на американската амбасада во Белград во 2001 година.

Амбасадата на САД беше затворена поради прекинувањето на дипломатските односи со Србија поради етничкото чистење и протерувањето на албанското цивилно население од Косово.