Заев: ЕУ има морална обврска кон С. Македонија

Македонскиот премиер Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев денеска на панелот „Перспективите на Северна Македонија“ на Европскиот форум Алпбах на кој учествуваше онлајн, како што информираа од македонската влада, рекол дека членството на земјата во ЕУ е перспектива и без алтернатива и покрај разочарувањето од блокирањето на евроинтегративниот процес од Бугарија.

Заев наведува и дека доказ дека земјата е на вистинскиот пат и ги исполнила сите критериуми е и препораката на Европската Комисија до Европскиот Совет на 20 март 2020 година, поддржана од сите земји членки на ЕУ, за одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија, чијашто организација потоа беше блокирана од Република Бугарија.

„ЕУ има морална обврска кон Северна Македонија. Сите реформи во земјата се спроведени или се во тек, со соседите решивме прашања коишто беа отворени по неколку децении, како што беше Договорот од Преспа со Грција, или Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија. Северна Македонија е успешен модел на функционална мултиетничка заедница и лидер на регионалната соработка, а со членството во НАТО станавме фактор на стабилност на Западен Балкан“, потенцираше Заев на Европскиот форум Алпбах.

Тој додаде дека сите земји членки се едногласни дека Северна Македонија испорача и дека ЕУ остана должна со исполнување на својата одлука за почеток на преговорите и дека се надева оти тоа ќе стане реалност штом Бугарија формира функционална политичка влада. Заев изрази надеж дека на Самитот за Западен Балкан во Љубљана на шести октомври ќе има сериозно придвижување на блокираното проширување на ЕУ.

Бугарија лани го блокира почетокот на преговорите меѓу ЕУ и Северна Македонија поради разлики најмногу околу историјата, јазикот и идентитетот на Македонците. Разговорите за надминување на разликите меѓу Скопје и Софија периодов се закочени поради тоа што во Бугарија годинава два пати се организираа предвремени парламентарни избори по кои не можеше да се формира политичка влада. Во земјата во моментов има техничка влада што ја формираше бугарскиот претседател Румен Радев по првите избори во април годинава, кога исто како и по овие во јули ниту една партија не успеа да формира влада.