Одложено рочиштето за „Плацеви на Водно“, обвинителката Стефанова на ковид тест

Обвинителката Лиле Стефанова го води случајот „Плацеви на Водно“ кој влезе во судска процедура на 16 јули

Поради тестирање за Ковид-19 на обвинителката Лиле Стефанова, одложено денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“. Следното рочиште за предметот е закажано за втори септември. Стручен соработник во Судот, пред почетокот на рочиштето, ги инфомира присутните дека судењето ќе се одложи поради тоа што јавната обвинителка Лиле Стефанова, ќе се тестира за ковид. Бранителот на Сашо Мијалков, адвокатот Звонко Давидовиќ, по одложувањето рочиштето рече дека биле известени оти обвинителката побарала одложување затоа што наводно била во контакт со лице кое можеби било заразено со коронавирус.

„Ова е причина за одложување, во оваа ситуација, каде што важат мерките за пандемија, но се прашувам што ќе беше ако се случеше со некој од бранителите, такво нешто. Најверојатно ќе беше повик, дека е притворски предмет и дека е итна постапката, па се одолговлекува, но никогаш тоа не се случило со обвинителството, што покажува колку се рамноправни страните во постапката“, изјави Давидовиќ.

Случајот го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, поранешниот премиер Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот“, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари“, а поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразунавање Сашо Мијалков е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело“.

Груевски е во азил во Будимпешта, а Мијалков и Камчев се во притвор. Поранешниот шеф на УБК е во притвор за случајот „Трезор“, а бизнисменот Камчев за предметот „Плацеви на Водно“. Против останатите обвинети во случајот се преземени полесни мерки на претпазливост. Судењето за овој предмет почна на 16 јули.